Едноставни вежби за третман на сколиоза
Сколиозата е дефинирана како абнормално искривување на `рбетот. Постојат три главни видови на сколиоза: функционална, невромускулна и идиопатска. Третманот на сколиозата зависи од типот и степенот на искривување.
Вежби за сколиоза
Вежбањето е еден од начините за намалување на умерена болка во грбот, поврзана со лесно и умерено искривување на `рбетот. Следните вежби може да се прилагодат на сите типови на сколиоза без разлика дали кривините се во десно или во лево. Сепак, потребна е консултација со лекар или физиотерапевт за правилно изведување на вежбите.
1. Вежба со физиотопка
Физиотопката ја поставувате до колкот и потоа странично легнувате на неа. Физиотопката треба да ви биде поставена во пределот од под ребрата до колкот. Одржувајте баланс со нозете и едната рака, додека другата треба да ја раширите и да ја истегнете. Останете во оваа позиција 20-30 секунди и повторете ја 2-3 пати. Оваа вежба може да ја правите секој ден.
2. Вежба со пилатес ролна
Завиткајте поголема мека крпа околу пилатес ролната и странично легнете преку неа. Ролната треба да ја поставите во пределот помеѓу ребрата и колкот. Горната нога треба да ја исправите, а долната да ја свиткате во коленото. Истегнете ја горната рака и допрете го подот. Останете во оваа позиција 20-30 секунди и повторете ја 2-3 пати. Оваа вежба може да ја правите секој ден.
3. Вежба за истегнување со партнер
Легнете на подот на стомак и подигнете го телото, во „планк“ позиција. Со помош на лактите и прстите на нозете, држете го телото во рамна линија. Партнерот треба да седне покрај вас од страната каде што е искривувањето на `рбетот и полека треба да почне да ја повлекува половината накај себе за да се добие длабоко истегнување. Останете во оваа позиција 20-30 секунди и повторете ја 3-4 пати. Оваа вежба можете да ја правите секој ден. За да ви биде поудобно, најдобро е да користите подлога за вежбање.
4. Вежба на скали
Една од најчестите последици на сколиозата е разлика во должината на нозете. Застанете на скала со подолгата нога. Другата нога треба да е свиткана во колено, и полека треба да се спушта на подот. Додека ја спуштате ногата, подигнете ја раката што е на иста страна со пократката нога, и истегнувајте ја што е можно повисоко. На пример, ако ја спуштате левата нога треба да ја подигнете левата рака. Направете 2-3 сета со по 5-10 повторувања на оваа вежба. Вежбата изведувајте ја само на едната страна. Оваа вежба можете да ја правите секој ден. За да се зголеми отпорот и да се постигне поголем ефект се препорачува да се стават перничиња со тежина на пократката нога.
5. Истегнување во положба „куче“
Оваа класична позиција во јогата е ефикасна во третман на сколиоза. Застанете во „планк“ позиција, со стомакот надолу, а со помош на рацете и прстите од нозете, држете го телото во рамна положба. Почнете да ги истегнувате колковите нагоре и полека да ги исправате рацете, додека вашето тело не добие форма на триаголник. Останете во оваа позиција 5 секунди, а потоа полека вратете се во положба „планк“. Направете две серии од по 10 повторувања. Оваа вежба можете да ја правите секој ден.
6. Истегнување на едната страна
Оваа вежба е особено ефикасна во случаи каде должината на нозете не е еднаква. Исчекорете нанапред со подолгата нога, торзото треба да ви биде исправено. Почнете да ја преместувате тежината кон предната нога, која постепено треба да се свитка во колено. Подигнете ја спротивната рака колку што можете повисоко (спротивната рака од ногата што е напред). Дланката на другата рака ставете ја на половината. Правете ја оваа вежба само на едната страна. Треба да направите 2-3 сета по 10 повторувања. Оваа вежба можете да ја правите секој ден. За поголем ефект можете да користите топка со мала тежина на раката која е подигната.
7. Вежба со свиок
Започнете ја оваа вежба со тоа што ќе седнете на колена и ќе ја поставите физиотопката пред вас. Полека со ролање поставете ја топката под стомакот и опуштете се. Држете ги рацете и нозете на подот за да одржувате баланс. Останете во оваа позиција 10 секунди и повторете ја 10 пати.
8. Вежба мост
Започнете ја вежбата со тоа што ќе седнете на врвот од топката со нозете на подот за размнотежа. Почнете да се придвижувате наназад со тоа што рацете ќе ги држите на половина. Кога телото ќе ви биде паралелно со подот испружете ги рацете и истегнете ги наназад сѐ додека го допрат подот. Направете три серии од 10 повторувања.