Ишијас – болест на современиот свет
Ишијас е назив за болка која почнува во половината па се шири по должина на нозете и e проследена со трнење, слабост во мускулите или недостаток на чувство во некој дел од нозете. Болката може да биде непријатна, да трае со месеци и да го ограничува движењето. Најпогодени се лицата од 30-50 година од животот, а како причина се наведуваат долготрајно седење како и недоволна физичка активност. Ишијасот се јавува како последица на притисок на нервот ишијадикус – најдолгиот нерв во периферниот систем, кој се протега од задникот до стапалата. Жените имаат поголем ризик од ишијас во бременост, поради притисокот кој матката го прави врз овој нерв.
Симптоми
Лицата кои патат од ишијас имаат различни симптоми. Прво се јавува болка во долниот дел од грбот, па болката се проширува во потколеницата. Болката се манифестира на едната нога и се влошува при седење. Во некои случаи може да се почувствува слабост или притисок во ногата. Симптомите се појавуваат одеднаш и траат со денови или недели.
Причини за појава на ишијас
Ишијасот настанува поради дегенеративни промени на дисковите помеѓу пршлените, недоволна физичка активност, неправилно седење и одење, носење високи потпетици, дигање на тежок товар и сл. Најчести причини се:
- Херниран диск: Дисковите имаат улога на перничиња помеѓу пршлените на `рбетниот столб. Овие дискови со тек на време стануваат послаби и внатрешниот дел од дискот излегува нанадвор и притиска на корените на нервот ишијадикус.
- Спинална стеноза: Природното трошење на пршлените може да доведе до стеснување на `рбетниот канал. Ова стеснување е наречено спинална стеноза, која може да направи притисок врз нервот ишијадикус. Спиналната стеноза е најчеста кај лица на возраст над 60 години.
- Тумори на `рбетот: Во поретки случаи ишијасот може да биде резултат на тумори кои растат внатре или по должината на `рбетниот мозок. Како што туморот расте, почнува да притиска на нервите кои излегуваат од `рбетниот мозок.

Превенција
Доколку работно место е поврзано со седење, се препорачува да се користи ергономска столица со физиотопка. Потребно е да се седи исправено, висината на столицата да се прилагоди така што колената да бидат под прав агол. Исто така се препорачува да не се седи со прекрстени нозе. Потребно е да се спие на потврд душек, на грб или странично, а нозете да бидат свиени во колената. Треба да се избегнува спиење на стомак. За време на акутна фаза се препорачува да се спие со перница под или помеѓу нозете.

Лекување
Во акутната болна фаза потребна е терапија заради тежината на болките, кои во поголем број случаи се неподносливи. За намалување на болката се препорачуваат аналгетици . Исто така се препорачува носење на еластичен појас со фишбајни, кој овозможува стабилизација на `рбетот и истовремено овозможува ограничување на флексијата и екстензијата. По смирување на болките се препорачува физикална терапија.