Кинезитејп
Кинезитејпинг е посебна метода на апликација на тенки, еластични ленти кои помагаат во третман на поголем број повреди и воспалителни процеси. Кинези лентите во однос на дебелината и еластичноста имаат речиси исти својства како и кожата, со што може да се носат без да го ограничат движењето.
Како делува кинезитејпинг-от?
Иако Кинези лентите личат на обични спортски ленти, тие имаат специфични својства и многу е важно како се поставуваат. Нестручното поставување на лентите нема да даде позитивен ефект и може да доведе до влошување на состојбата, поради што е потребно да ги аплицира лиценциран физиотерапевт. Има два основни принципи на поставување во зависност од целта која треба да се постигне, односно дали се работи за акутен или хроничен проблем. Исто така важен е и начинот на сечење, обликот на лентите и правецот на поставување.
Зошто оваа метода е ефикасна во намалување на болка?
Кај воспалени мускули просторот помеѓу кожата и мускулите е намален, што доведува до намалување на лимфната циркулација. Лимфниот застој прави притисок и ги надразнува рецепторите за болка. Ако кожата во зафатениот дел се растегне и се постават лентите, кога ќе се врати во првобитна положба – траката ќе стане брановидна и ќе се создадат кожни набори. Тој ефект на кожата е најважен темел на методата кинезитејпинг. Со подигнување на кожата се зголемува просторот помеѓу кожата и поткожното ткиво, што овозможува слободен проток на лимфата. Со тоа се намалува надразнувањето на рецепторите, што резултира со намалување на болката.
Кога се препорачува примена на кинези лента?
Пред сѐ се препорачува на пациенти со хронични болки, напнати мускули, отоци кои не се повлекуваат, како и на лица со свежи повреди, дислокација на зглобови и сл. Кај спортистите се препорачуваат како превенција од повторни повреди, особено кога се изложени на зголемен напор. Стандардните атлетски ленти и завои кои спортистите ги користат се стегнати и доведуваат до намалување на циркулацијата и ограничување на движењето, поради што не се соодветно решение.
Кинези лентите го намалуваат спазамот и го нормализираат тонусот на мускулите, го зголемуваат обемот на движењето во зглобовите, ја намалуваат болката и може да се применуваат во сите состојби во кои се среќава некој од горенаведените симптоми.
По поставувањето на лентата се чувствува благо олеснување бидејќи се опуштаат заморените мускули. Лентите не содржат фармаколошки супстанци и не доведуваат до алергиски реакции.