×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Розов Пикник Појадок 2026 - утро на поддршка во Градски парк

Розов Пикник Појадок 2026 - утро на поддршка во Градски парк

Октомври е месецот кога зборуваме за ракот на дојка. Ние го почнуваме со утрото што го чекаме цела година - Розовиот пикник појадок, кој Medicus Help го организира заедно со ХЕМА-ОНКО, здружението посветено на пациентите со рак и нивните негуватели.

Се гледаме оваа недела, 4 октомври, во 11:30 часот, во Школка во Градски парк, Скопје.

Пораката оваа година е „Крилјата различни. Борбата лична. Поддршката заедничка." Секоја од нас ја води својата борба на свој начин, но никоја не треба да ја води сама.

Што нè очекува

Утрото почнува со поздравен збор и обраќања на организаторите. Следуваат настапи на Ана Стојановска и женскиот хор „Фрида од Македонија", момент In Memoriam за оние што ги носиме во срцето, розова прошетка низ паркот, загревање и вежби со Пилатес студио WeReform и настап на танчерската група Aqua Dance. Утрото го затвораме со музичка програма со Наталија Данаилова и Бобан Цаневски.

Штандови и активности

Низ паркот ќе има штандови каде можете да разговарате со лекари и терапевти и да научите како да се грижите за себе. Ќе има розов базар со рачно изработени предмети, розова библиотека од која можете да земете книга, „Писмо до идната јас" и фото корнер. Ќе има место и за споделени искуства, а за најмалите детско катче со мини баскет.

Превоз од други градови

Има организиран превоз од Кавадарци, Куманово, Битола, Ресен, Виница, Кочани и Струмица. Телефоните за пријава се на нашите социјални мрежи.

Поканете ја пријателката, мајката или сестрата, облечете нешто розово и дојдете. Се гледаме во паркот!

Информации: 02 314 3333