3 совети како да го заштитите вратот од користењето на мобилни телефони
Главата на возрасен човек тежи 4,5 до 5,5 килограми во неутрална положба. Кога ќе се наведне нанапред под агол од 15 степени вратот се оптоварува како да носи глава од 12 килограми, под агол од 30 степени – 18 кг и под агол од 60 степени оптоварувањето е како да држи глава од 27 килограми. Гледање надолу во вашиот телефон, таблет или лаптоп подолг временски период може да доведе до голема болка во вратот. Во оваа положба може да настане повреда на вратот или истегнување на мускулот. Оваа се нарекува „текстуален врат“ (text neck) и може да се превенира со менување на некои навики.
Во продолжение ви предлагаме 3 едноставни чекори кои ќе ви помогнат:
1. Подигнете го екранот повисоко
Телефонот или таблетот држете ги поблиску до нивото на очите за да избегнете наведната глава или виткање на вратот надолу. Доколку работите на лаптоп, најдобро е да земете втор монитор и да ја прилагодите висината. Кога подолго гледате во мобилен телефон, најдобро е лактите да ви бидат потпрени на маса.
.jpg)
2. Почесто правете паузи
Ако морате да бидете на телефон подолго време, почесто правете паузи. Практикувајте 2-3 минути пауза на секој половина час поминат на телефон, или поставете аларм на вашиот телефон да ве потсети. Во текот на паузата правете вежби. Повлечете ја брадата надолу а потоа полека кревајте ја нагоре. Потоа нежно наведнувајте ја главата кон едното рамо а потоа кон другото.
.jpg)
3. Болката да ви биде предупредување
Ако се јави болка во вратот, вкочанетост и трнење во рацете или главоболка, тогаш станува збор за посериозна состојба. Обрнете внимание на овие предупредувачки знаци и дејствувајте веднаш.