×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Како се мери концентрација на кислород во крвта?

Како се мери концентрација на кислород во крвта?

Преку дишењето кислородот се внесува во белите дробови. Потоа кислородот преминува во крвта каде што се врзува со хемоглобинот, протеин кој се наоѓа во црвените крвни клетки. Хемоглобинот, преку крвотокот, го транспортира кислородот до сите органи и ткива. На овој начин, на телото му се дава кислород и хранливи материи потребни за нормално функционирање.

Што е пулс оксиметар?
Пулс оксиметар е апарат кој се користи за мерење на концентрација на кислород во крвта. Најчесто се користи во болници но достапни се и за домашна употреба. Редовно мерење на кислородна концентрација во крвта се препорачува за лица кои имаат хронични срцеви и белодробни заболувања како и за пациенти со пневмонија.

На кој принцип работат пулс оксиметрите?
Пулс оксиметарот има сонда со извор на светлина, детектор на светлина и микропроцесор, кој ги споредува и пресметува разликите на хемоглобинот кој е богат со кислород во споредба со хемоглобинот кој е сиромашен со кислород.

Едната страна на сондата има извор со два типа на светлина: инфрацрвена и црвена. Овие два вида светлина се пренесуваат преку ткивата на телото до детекторот за светлина од другата страна на сондата.


Хемоглобинот има својство да апсорбира светлина. Кога е богат со кислород, хемоглобинот апсорбира повеќе од инфрацрвената светлина додека кога нема доволно кислород апсорбира повеќе од црвената светлина. Микропроцесорот во сондата ги пресметува разликите и ги претвора информациите во дигитална вредност. Оваа вредност потоа се проценува за да се утврди количината на кислород што се носи во крвта.