×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Најчести повреди во лето

Најчести повреди во лето

Летото е период на зголемена физичка активност – планинарење, трчање, спортови на отворено, пливање, велосипедизам. Но токму овие активности, доколку се изведуваат без подготовка или со прекумерна сила, често доведуваат до повреди, особено во пределот на коленскиот зглоб.

Коленото е еден од најоптоварените зглобови во телото, а во летниот период повредите се чести, особено кај рекреативни спортисти и деца. Во продолжение ги издвојуваме најчестите повреди на коленото во лето, нивните симптоми и што треба да направите ако се појават.

1. Дислокација на патела (чашка)

Оваа повреда се случува во момент кога коленската чашка (пателата) излегува од своето природно лежиште. Најчесто измесувањето  е во страна, кон надворешниот дел на коленото. Оваа повреда е проследена со силна болка и блокада при движење. После кратко време може да се појави оток и затоа треба веднаш да се консултирате со доктор или физиотерапевт. Откако коленото ќе се врати во својата природна положба, задолжителна е имобилизација и крио терапија со ладна облога.

Овој тип на повреда мора подолг период да се рехабилитира бидејќи повредата може лесно да се повтори. Затоа заедолжително после закрепнување треба да се користи компресивен стегач со отвор на чашката и стабилизација на коленото. 

2. Истегнување на лигаменти

Лигаментите се структури кои го стабилизираат коленото. Истегнувањето се јавува при нагло свиткување, лошо паѓање или директен удар. Најчесто се засегнати внатрешниот страничен лигамент (MCL) и надворешниот страничен лигамент (LCL). Болката е лоцирана странично на коленото со што се чувствува отежнато движење и чувство на нестабилност. При овој тип на повреда се препорачува користење на стегач за колено со посилна стабилизација односно силиконски или метални фишбајникои се странично поставени.  

3. Повреда на преден вкрстен лигамент (ACL)

ACL е еден од клучните лигаменти за стабилност при ротации и нагли промени на правец. Повредата најчесто се случува без контакт, при нагло забрзување или кочење. Прв симптом е гласно „пукање“ во моментот на повредата, по што следи појава на оток и нестабилност. Потребна е консултација со ортопед за проценка на оштетувањето. Соодветно на повредата се следат препораките од докторот или физиотерапевтот. 

4. Повреда на менискус

Менискусот е ‘рскавично ткиво кое ја апсорбира силата во зглобот при движење. При ротација на коленото со тежина врз него, може да дојде до кинење. Ова е една од почестите повреди кај активните спортисти. Во моментот на повреда се јавува болка во внатрешноста на зглобот која може да е проселедена со крцкање или блокада при движење. Ако повредата е помала, рехабилитацијата се спроведува без операција. Меѓутоа, при целосно кинење се препорачува хируршки зафат.

5. Повторувачки повреди

Рекурентните повреди претставуваат повторно оштетување на веќе еднаш повредена структура – лигамент, менискус, мускул или патела. Тие се сериозен проблем бидејќи со секоја нова повреда ризикот за хронично оштетување се зголемува.

Затоа е важно да се превенира. Препораката е користење на компресивен ортопедски стегач со отвор за патела, особено кај лица кои се активни или имаат историја на повреди во овој регион.

Неколку совети како да се заштитите од повреди ова лето?

  • Загрејте се пред секоја активност;
  • Користете ортоза за превенција;
  • Не претерувајте ако немате кондиција;
  • Носете соодветни обувки;
  • Редовно јакнете ги мускулите околу коленото;
  • Користете стапчиња при дојготрајно пешачење и/или планинарење;
  • При први симптоми консултирајте се со физиотерапевт или лекар.