Д-р Тони Талески: физичката активност го чува `рбетот од тешките ранци
За развој на деформитети на коскено-мускулниот систем, кај децата од училишна возраст, влијаат лошите навики на држење на исправен став, кратковидоста, неадекватните училишни клупи и столчиња. Недоволната физичка активност, долгото седење пред компјутер со долготрајно лошо позиционирање на главата кон напред, но и претешките училишни ранци се главен „непријател“ на `рбетот на вашето дете. Предност е ако се има повеќе часови за физичко воспитување, а вон училишните клупи децата да се насочуваат кон спортски активности. Пливањето како спортска активност има најдобар ефект во зајакнување на мускулатурата.
Училишните ранци и деформитетите на `рбетот
Според д-р Тони Талески, специјалист ортопед од специјалистичка ординација по ортопедија СТ медика, носењето на ранец или училишна чанта кај децата во фаза на интензивен раст е еден од факторите за развој на деформитети кои влијаат на завземање неправилен став на телото при стоење на рамна подлога.
„Деформитетите се понагласени кај послабите деца и оние кои немаат физички активности својствени за возраста. Оптеретувањата со училишните ранци чија тежина не е пропорционална со детската мускулна и телесна маса може да доведат до функционални и структурни промени на `рбетот, особено во период на адолесценција. Не се занемарува ниту податокот за должината на патот до училиште и назад кој ученикот го изминува секојдневно во тек на девет училишни месеци притоа носејќи терет врз грбната регија.“
Училишните ранци влијаат на целото тело
Според препораките на Светската Здравствена Организација тежината на училишните ранци не треба да биде поголема од 10% од телесната тежина на детето. Во пракса се покажува дека тежината на ранците која учениците ја носат на грбна регија е значително поголема. Д-р Талески објаснува дека ова придонесува за мускулна нерамнотежа со неправилен став во исправена положба на телото, денивелација на рамените појаси и лопатките од грбната регија, закосување на карлицата, но и рефлексија на неправилното оптеретување врз колената и стапалата како носечки површини на телесната маса.
Корсет за правилен раст на `рбетникот
За зајакнување на околугрбната мускулатура која е активен стабилизатор на `рбетниот столб се препорачуваат спортски и физички активности. Исто така се препорачува редукција на долгото седење пред компјутер како и корективни навики на децата од училишна возраст во дневните активности со правилно позиционирање на телото и долните екстремитети во седечка положба.
„Во изборот на спортски афинитети кај детето треба да се внимава при доминантност на едната рака (тенис, ракомет и сл.) особено ако постои потенцирано искривување на `рбетот во една страна. Децата и родителите треба да се едуцираат за дополнителни корективни вежби во домашни услови кои треба да се спроведуваат во континуитет за зајакнување на грбната мускулатура. Физичкото напрегнување условува и замор на учениците кои потешко можат да се сконцентрираат на наставата, што дополнително ги оптеретува и наставниците во училиште и родителите дома. Кај докажани структурни сколиози или кифози потребна е поддршка со ортоза (корсет) за правилен раст на `рбетникот.“
Тежината на ранецот да биде помала од 10% од тежината на детето
Децата од училишна возраст кои се во фаза на интензивен раст на `рбетот и кои не се доволно активни имаат и поголема телесна тежина од оние кои практикуваат спортски активности. Тоа доведува до поголемо оптеретување на `рбетот, колковите колената, искривувања на колената и спуштање на сводовите од стапалата.
„Тежината на училишните ранци доведува до нагласени деформитети. Затоа во изборот на ранец за дете, истиот треба да биде со анатомско прилагодување на грбната регија и по можност да е со помал терет (ослободување на училишен прибор кој не е неопходен за носење), а тежината на ранецот да биде помала од 10% од телесната тежина на детето. Во избор на училишен ранец треба да се внимава долниот дел на ранецот да не биде под струкот на детето, а врвот на ранецот да биде под линијата на рамниот појас. На грбната страна ранецот да има појачувања, а прерамките да бидат пошироки и меки за да не засекуваат во мускулатурата на рамото. Најдобро е ако постои и ремен околу струкот за да се добие уште една потпорна точка на тежината од ранецот. Така ранецот ќе биде повеќе статичен што е многу важно кога е во прашање детска мускулатура која неможе долго да позиционира во мускулен баланс.“објаснува д-р Талески.