×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Добредојде Розов Октомври

Добредојде Розов Октомври

Октомври е месец посветен на борбата против рак на дојка. Розовата боја се користи како симбол за подигнување на свеста од 1985 година. Првата идеја ја оформила и реализирала American Cancer Society (Американското здружение за борба против ракот) и фармацевтската компанија Imperial Chemical Industries (ICI). Од тој момент па се до ден денес розовата боја е симбол за борбата против рак на дојка.

Оваа иницијатива се реализира преку различни активности како настани за собирање на средства, информативни сесии, разнообразни кампањи и акции на социјалните мрежи. Основната цел е да се намали инциденцата на рак на дојка и да се подобри препознавањето и лекувањето на оваа форма на рак. Ракот на дојка е најчестата форма на рак кај жените низ целиот свет, но во последните години оваа состојба почна да се забележува и кај мажите.

Кое е значењето на розовата панделка?

Панделката е симбол на секоја добротворна цел. Фондацијата за рак на дојка на Сузан Комен е првата организација која им делела розови панделки на преживеаните од рак на дојката во 1990 година. Со текот на годините овој симбол станал општоприфатен од целиот свет. Розовата панделка е симбол на борбата против ракот на дојка и на надежта за преживување и пребродување на оваа болест.

Зошто е искористена розовата боја?

Розовата е суштинска женска боја. Весела, го слави животот. Многу студии покажале дека оваа боја има смирувачки ефект, и го намалува стресот. Пастелната розова е нијанса што се поврзува со здравјето. Не можете да ја поврзете розовата со лоша работа. Со други зборови, розовата е сè што ракот евидентно не е – вели Маргарет Велч, директор на Color Association of United States.

Октомври е розов месец и совршен повод за едукација за женското здравје, но нека биде само почеток за будење на свеста кај жените преку целата година.

Зошто Октомври е прогласен за розов месец?

„Национален месец за подигнување на свеста за ракот на дојката“ бил слоганот на најпрвата кампања на оваа тема. Овој настан се одржал во Америка во октомври 1985 година. Токму затоа подоцна името се променило во Розов Октомври.

Целта на Розовиот Октомври е да ги поттикне жените (и мажите) да ги извршуваат рутинските прегледи на дојките, да бидат свесни за симптомите на ракот на дојка и да ја подигнат јавната свест за оваа болест.

Медикус Хелп во изминативе 20 години активно е вклучен во многубројни активности. Без разлика дали пристапуваме индивидуално или во соработка со други здруженија и организации нашата цел е да ја подигнеме свеста и да ги подобриме условите во кои живеат и се лекуваат жените кои се борат со оваа болест. Како и секоја година, така и овoj октомври имаме богата содржина за време на овој месец, ќе едуцираме, ќе подаруваме и ќе помогнеме таму каде што е најпотребно.