×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Викторија Јордановска – “Кога  пред три години ми дијагностицираа редок тип на рак со 30% шанса да преживеам ми се сруши светот”.

Викторија Јордановска – “Кога пред три години ми дијагностицираа редок тип на рак со 30% шанса да преживеам ми се сруши светот”.

Здраво.

Моето име е Викторија Јордановска и како коуч и обучувач за возрасни им помагам на луѓето да го откријат својот внатрешен потенцијал и да изградат здрав однос со себеси.  Кога  пред три години ми дијагностицираа редок тип на рак со 30% шанса да преживеам ми се сруши светот.  Но, имав голема среќа што 10 години веќе работев на полето на личен развој и себе-зајакнување, па бев опремена со многу техники и алатки за враќање на личната благосостојба.  За време на дијагнозата, терапијата и по терапијата работев со индивидуален коуч, кој сеуште го посетувам повремено  Со сето стекнато знаење и работа физички закрепнав бргу после терапијата, но ми требаше околу цела една година да целосно закрепнам психички. Ракот е несомнено голема траума.

Пред извесно време работејки со клиентка која преживеала рак пред 7 години и никогаш со никого не ги споделила чувствата поврзани со болеста, сфатив дека голем дел од пациентите, посебно жените, немаат со кого отворено да поразговараат и да ја споделат емоционалната тежина која ја носи оваа болест.  Чувствата на страв, тага, лутина, гнев, огорченост, срам, несигурност, слабост се многу нормални, но многу често не знаеме како да се справиме со истите на вистинскиот начин.  Причината за тоа е дека можеби ќе бидеме перцепирани како слаби, очајни, зависни, несигурни или пак не сакаме да им создаваме дополнителна тежина на најблиските.  Потиснувањето на чувствата и повлекувањето во себе се одличен рецепт за создавање на траума.

Дијагнозата на рак и третманот што следи е трауматично искуство за секој пациент. 30-50% од пациентите доживуваат психички симптоми како што се анксиозност и депресија. Емоционалниот стрес, несигурноста и физичката болка влијаат и врз менталното здравје на поединецот - затоа психолошката благосостојба е клучна на патот до излекувањето. Голем број истражувања покажуваат дека менталното здравје е тесно поврзано со преживувањето на болеста.

Телото и умот се едно - затоа е потребно да се фокусираме на целината при лекувањето. За жал, конвенционалната терапија за рак го третира само телото.

Групните и индивидуалните коучинг или терапевтски сесии се од клучно значење во процесот на лекување.  Ваквите сесии помогаат при зајакнување на менталното и телесно здравје кај пациентите со рак и преживеаните.  Целта е да се овозможи полесно справување со ефектите од терапијата, чувствата за време на дијагноза, третман или пост-третман, градење и одржување на релациите со најблиските, подобро одржување на виталноста и позитивниот став кон животот, приоритетите и начинот на размислување.

Преку разговор, споделување и дискусија водена од професионалец - пациентите добиваат поддршка и учат нови вештини за справување со предизвиците.

Затоа во соработка со Медикус Хелп решивме да понудиме групен коучинг како алатка која ќе им помогне на жените полесно да се справат со болеста и терапијата, како и побрзо да закрепнат психички и физички.

Групниот коучинг е техника на разговор во група од најмногу 10 учесници кој е воден од професионален коуч.  Оваа техника е исклучително корисна за да ја вратите смислата на сопствениот живот и да продолжите да напредувате.  Поддршката, љубовта и разбирањето што секој човек ги носи во групата е често моќна и просветлувачка и создава нераскинлива врска меѓу поедницот и групата. Придобивките од групниот коучинг вклучуваат чувство на поврзаност, заедништво и свесност дека не сте сами.

https://vianlp.com/about/
https://www.facebook.com/viktorija.jordanovska/
https://www.facebook.com/ViennaNLP/

За повеќе информации јавете се на телефонскиот број 070 346 442