×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Најчести повреди при скијање

Најчести повреди при скијање

Во последниве 20 години со развојот на опремата за скијање, процентот на некои повреди е намален. Така, на пример, инциденцата на скршениците на потколеница е намалена за 90% благодарение на везовите кои ги ослободуваат скиите при паѓање. Од друга страна пак, повредите како кинење на предни вкрстени лигаменти се многу почести поради побрзото скијање без соодветна физичка подготовка.

Повреди на рамо и колено

Повредите на рамото најчесто настануваат кога ќе дојде до пад или удар а коленото може да се повреди и при „нормално“ скијање. Ова се случува затоа што најблискиот соседен зглоб под коленото, скочниот зглоб, е цврсто фиксиран во чизмите. Сите сили кои во нормални услови скочниот зглоб ги амортизира со својата еластичност сега се пренесуваат на коленото со што се зголемува притисокот врз него. Затоа доколку сте имале повреда на коленото, пред да почнете со скијање, потребно е да носите ортози за да го заштитите.   

Повреди на менискусот

Менискусите имаат улога на стабилизатор во зглобовите, ја зголемуваат површината на оптоварувањето, го растеретуваат зглобот и помагаат во подобра исхрана на `рскавицата.  Руптурата, поточно пукањето на менискусот може да биде попречно, хоризонтално, надолжно, косо и може да биде комбинација од сето наведено. Пукнатиот слободен дел од менискусот може да се вметне помеѓу зглобните тела и да предизвика блокада на коленото. Како последица на ова коленото не може да се истегне, а се јавува и болка, чувство на прескокнување, благо отекување на коленото и чувство на нестабилност.

Повреди на лигаментот

Предните и задните вкрстени лигаменти се најважните стабилизатори на коленото и се наоѓаат во самиот зглоб. Повреда и кинење на задните вкрстени лигаменти е многу ретко при скијање, само во еден процент од случаите, но на предниот вкрстен лигамент е многу честа појава и е една од најчестите повреди. Руптура на предниот вкрстен лигамент се јавува при ненадејна ротација на коленото додека стапалото останува фиксирано на земјата.

Повреди на палецот

Оваа повреда се случува кога скијачот паѓа со затворена рака во која држи стап. Ова е многу честа повреда при скијање. Поради силното дејство, лигаментот се истегнува или пука и се јавува болка, која постепено се засилува.

Што да направите за да ги избегнете повредите?

-Два месеци пред да почнете со скијање потребно е физички да го подготвите телото.

-Пред да одите на стаза, добро да се загреете.

-Да ги истегнете мускулите пред и по скијање додека сеуште се загреани.

-Доколку имате воспалени мускули паузирајте еден ден.

-Носете кацига и соодветно да се облечете

-Користете стегачи или ортози за потпора ако имате слаби или веќе повредени зглобови, посебно ако се работи за колено, скочен зглоб, рачен зглоб, палец или половина.

-За подобра статика и држење на телото при скијање, како и за растеретување на `рбетот користете анатомски влошки.