×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Лимфедема и лимфна дренажа

Лимфедема и лимфна дренажа

Лимфата е безбојна течност богата со белковини и лимфоцити. Функцијата на лимфата е да го храни ткивото а од друга страна да ги собира и елиминира продуктите од разградени клетки и други штетни материи.
Лимфниот систем претставува помошен пат преку кој течноста од меѓуклеточниот простор се враќа во крвотокот. Бактериите, вирусите и другите патогени честички стигнуваат во лимфниот систем и се уништуваат во лимфните јазли. Уште во 1912 година нобеловецот Алексис Карел докажал дека здравјето зависи од лимфната циркулација и стагнацијата на лимфата е причина за дегенерација и изумирање на клетките, односно во лимфната циркулација е скриен еликсирот на младоста и животот.

Како се манифестира?
Лимфедем е оток во дел од телото, најчесто во нозете и рацете, предизвикан од задржување на лимфата. Знаците кои предупредуваат на појава на лимфедема во горните екстремитети се:
– Чувство на тежина во рацете
– Затегнување во дланката
– Оток на раката или дланката
– Ограничено движење на раката
– Затегнување во ракавите кое претходно не сте го чувствувале
– При притисок во раката настанува вдлабнатина.
Причини кои го зголемуваат ризикот од лимфедема
– Повреда на кожата и мускулите
– Топлина
– Преголемо оптеретување на рацете
– Зголемена телесна тежина
– Шеќерна болест
– Прекумерно пушење
– Крвни згрутчувања
– Долги авионски летови
– Напреден канцер во лимфните јазли.
После сите хируршки интеревeнции, хемотерапија и зрачење, може да дојде до појава на едема. За жал кога еднаш ќе се јави едема, што подолго е присутна, се потешко е да се намали отокот. Затоа е потребно да се прави редовна лимфна дренажа, особено кај пациентки кои имаат направено операција на дојка. Кај нив се отстрануваат лимфните јазли во пределот на пазувите, што го отежнува враќањето на лимфата во крвотокот. Колку често е потребна лимфна дренажа зависи од степенот на отокот, односно дали се работи за лимфедема од прв, втор или трет стадиум. Состојбата значително се подобрува кога ќе се воспостават нови лимфни патишта.

Третманот на лимфедема подразбира нега на кожата, примена на мануелна лимфна дренажа, компресивно бандажирање и посебни вежби. Мануелна лимфна дренажа спречува настанување на трајни последици во вид на ограничување на движење на рацете. Моментално се постигнува намалување и потполно ослободување од болките, отокот и непријатно чувство.
Од особена важност е после спроведената мануелна лимфна дренажа и компресивно бандажирање, пациентката да продолжи да носи компресивна ракавица, која ќе придонесе за подобрување на лимфната циркулација и одржување на состојбата. Носењето на компресивната ракавица го намалува отокот, болката и го олеснува секојдневието. Лимфна дренажа не се изведува кај состојби на акутен малигнитет, одредени срцеви и бубрежни заболувања, инфекции и воспаленија.