5 златни правила за здрави вени
Вените секојдневно пумпаат 10.000 литри крв низ организмот. Поради нередовна физичка активност и долготрајно седење или стоење мускулите во листовите од потколеницата не се активни. Залистоците во вените ја губат својата функција и не успеваат да ја вратат крвта назад кон срцето. Резултат- тешки и отечени нозе. Ова доведува до појава на проширени вени, испукани капилари и други венски заболувања. Може да дојде и до флебитис и тромбоза. За да превенирате оштетување на вените во продолжение ви даваме 5 совети:
1. Бидете подвижни
Мускулите околу вените имаат улога на пумпи: кога ќе ги истегнете и опуштите крвта тече низ вените. Движењето е најдобар начин да ги активирате мускулите околу вените во потколеницата. Спортови како што се пливање, возење велосипед или планинарење се одлични за активирање на мускулите во потколеницата. Наглите движења и застанувања, како во тенис и фудбал ги оптоваруваат вените. Исто така лесни и едноставни вежби, додека седите во канцеларија, може да ја потикнат циркулацијата. Тука спаѓаат, наизменично подигнување и спуштање на петата, кружни движења на стапалото. Исто така качувањето по скали е позитивна активност за вашите вени.
2. Здрава исхрана здрави вени
Нездрава, висококалорична исхрана, вишок на килограми ги зголемуваат тегобите во вашите вени. Алкохолот и шеќерот исто така ги оштетуваат крвните садови. Омега 3 масните киселини кои ги има во авокадото, ленено семе и ореви ја подобрува еластичноста на крвните садови. За добра циркулација, потребно е дневно да внесувате најмалку по 3 литри вода. На овој начин крвта не се згрутчува и минимален е ризикот од тромбоза.
3. Негувајте ги нозете
Подигнување на нозете, не само што ги опушта туку ја подобрува работата на вените. Масажа на нозете исто така ја подобрува циркулацијата. Движењата при масажа секогаш треба да бидат од долу кон горе.
4. Редовно разладете ги нозете
Во лето глуждовите отекуваат, листовите се затегнати и болни. Ова се случува бидејќи крвните садови се шират на топлина, што дополнително ја отежнува циркулацијата. Со помош на туш со ладна вода крвите садови повторно се стеснуваат а протокот на крв се ревитализира.
5. Одберете соодветна облека
Тесна облека ја попречува функцијата на вените. Рамните чевли ја подобруваат циркулацијата а чевлите со високи потпетици треба да ги носите поретко. Најдобро е да одите боси, бидејќи се зајакнуваат мускулите и се активираат венските пумпи. За да се спречи создавање на проширени вени, треба да се носат компресивни чорапи и хулахопки. Се препорачува задолжително носење на компресивни хулахопки и чорапи при долги патувања во авион, автобус или автомобил, бидејќи долги периоди на седење може да доведат до појава на тромбоза.