×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Што е шилец во пета?

Што е шилец во пета?

Една од најчестите причини за болка во стапалата е шилец во пета, болно заболување на коската на петата при што е засегната и тетивата. Доколку не се лекува го прави движењето невозможно и со голема болка.

Што е шилец во пета?
Терминот шилец во пета (или познато уште како и calcar calcanei) е коскен израсток на коската на петата што се чувствува како трн во стапалото што може да доведе до силни болки доколку не се лекува. Се разликуваат два типа на шилец: дорзални (задни) и плантарни (долни). Коскените израстоци обично се јавуваат на преодните точки помеѓу коската и колагените структури на сврзното ткиво, на пример каде што Ахиловата тетива се припојува на задната страна од коската на петата или од долната страна каде што се припојува плантарната фасција.
Причини и ризик фактори за појава на шилец во пета:
Шилецот во пета обично настанува како резултат на прекумерено оптеретување на стапалото. Ова доведува до помали повреди и кинење на спојот помеѓу коската на петатат и Ахиловата тетива. Се појавува воспаление, на кое телото реагира меѓудругото и со ремоделирање на зафатеното ткиво. Со тек на време може да се развијат мали калцификати, а потоа и шилец. Неправилно позиционирање на стапалото и дебелината се дополнителни ризик фактори.

Знаци и симптоми:

Кај долниот или плантарен шилец во пета се јавува карактеристична болка како чувство на прободување во пределот на предниот раб од петата, додека пак кај дорзалниот или заден шилец се карактеризира со болка во пределот на припојот на Ахиловата тетива.
Шилецот на пета не мора секогаш да е придружуван со болка и покрај тоа што може да се види на рендген снимка, и обратно може да има болка, но да не се гледа на рендген снимка.

Доколку се сомневате дека имате шилец во пета поставете си ги следниве прашања:

1. Дали болката се зголемува при одење?
2. Дали почесто сакате да одите на прсти?
3. Дали болката се намалува кога ќе го намалите теретот на стапалото, пример при седење?
4. Дали се јавува болка кога ќе притиснете на одредена точка?
Сите овие симптоми сугерираат дека имате шилец во пета.

Што помага при третман на шилец во пета? 

Третман со различни методи.

Во лекувањето може да се користат различни терапии чија цел е да ја намалат болката, да го отстранат шилецот или да спречат настанување на други проблеми во стапалото. Колку долго ќе трае лекувањето зависи од тежината на болеста, пациентите мора да бидат трпеливи затоа што може да трае неколку недели или месеци. Понекогаш е потребен хируршки третман.

Лекови: антиинфламаторни и лекови за намалување на болката

Ортопедски влошки: имаат за цел да го намалат притисокот и оптоварувањето на петата.

Физиотерапија: опфаќа вежби за истегнување на плантарната фасција, Ахиловата тетива или мускулите на подколеницата со што се подобрува циркулацијата и се намалува болката.

Автор:
Д-р Дарко Василевски