×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Едноставни вежби за здрави вени

Едноставни вежби за здрави вени

Мускулите на потколеницата се нарекуваат уште и „венски пумпи“ бидејќи со нивна контракција крвта се движи од нозете кон срцето. Кога мускулите ќе се опуштат, венските залистоци спречуваат крвта да се врати во нозете и ја „буткаат“ према срцето. Резултатот е подобра венска циркулација, крвта не се собира во нозете и се превенира венска инсуфициенција.

За овој процес да се одвива непреченo потребна е физичка активност која ќе ги контрахира мускулите. Затоа за вас подготвивме список со вежби кои ќе ја подобрат функцијата на вените.

  • Пешачење

Пешачењето има многу предности, без разлика дали се работи за лесно или брзо одење. Особено е корисно за лица со проширени вени, бидејќи е полесна физичка активност. Со пешачењето се зајакнуваат мускулите на листовите, со што се подобрува циркулацијата. Секогаш кога ќе имате можност облечете удобни чевли и уживајте најмалку 30 минути во прошетката.  

  • Возење велосипед

Возењето велосипед е уште една вежба која е одлична за мускулите на потколеницата, како и за подобрување на циркулацијата. 

  • Возење велосипед легнати на грб  

Доколку немате велосипед, можете да ги имате истите придобивки од т.н возење велосипед легнати на грб. Легнете на подлога и ставете ги дланките покрај телото и кренете ги нозете во воздух. Свиткајте ги нозете во колено така што ќе формирате агол од 90 степени. Имитирајте ги движењата како да возите велосипед - исфрлете ја десната нога, додека левата нога е свиткана, а потоа обратно.

За дополнителен ефект на целото тело можете да ги користите рацете.  Доближете ги колената до градите, подигнете ги рамената малку над подот, но не го истегнувајте вратот. Истегнете ја десната нога, а левата свиткајте ја под агол од 45 степени и во исто време доближете го десниот лакт до левото колено. Сменете ја страната така што ќе го доближите левиот лакт до десното колено. Повторете ги движењата со двете нозе, колку што можете. Направете барем еден сет од 12 повторувања за секоја нога.

  • Истегнување на листови

Целта на вежбава е да се зајакнат мускулите на листовите и да се подобри циркулацијата во нозете. Овој ефект може да се постигне со едноставна вежба за истегнување на листовите. Застанете исправено, приближете ги стапалата едно до друго и полека качете се на прсти, а потоа спуштете ја петата на под. Повторете ја оваа вежба неколку пати.

 

  • Подигнување на нозете

Ова е уште една вежба со двоен ефект - ќе ги затегнете листовите и бутовите. Легнете на десна страна, исправете ја десната нога и ставете ја левата над неа. Полека подигнете ја левата нога во воздух, држете ја неколку секунди и потоа спуштете ја. Повторете ја оваа вежба со двете нозе најмалку 15 пати.

  • Вежби во вода

Вежбањето во вода е пријатно и има ефект на масажа. Поради отпорот што го дава водата рамномерно се оптоваруваат сите мускули. Водата е добра за кардиоваскуларното здравје, а не ги оптоварува лигаментите, зглобовите и 'рбетот. Вежбањето во вода согорува двојно повеќе калории во споредба со вежбањето надвор од вода - половина час вежбање во вода е како два часа вежбање на земја. Третирајте ги вашите вени со пливање (често нашите нозе се во повисока положба од срцето за време на пливањето, што помага да се тргне акумулираната крв во проширените вени).