×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Розовиот октомври заврши, но нашата грижа за жените продолжува.

Розовиот октомври заврши, но нашата грижа за жените продолжува.

Октомври е месец посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, важноста на раното откривање и поддршката на жените кои се соочуваат со оваа болест. Розовата боја симболизира надеж, храброст и солидарност, но за нас во Медикус Хелп, грижата за женското здравје не е ограничена само на еден месец. Таа е дел од нашата долгогодишна мисија – да бидеме покрај жените со знаење, разбирање, поддршка и соодветни медицински помагала.

Овогодинешниот Розов октомври беше исполнет со значајни средби, едукативни активности, искрени емоции и моменти што уште еднаш ни покажаа колку е важна заедничката поддршка.

4 октомври – „Розов пикник појадок“

Со особена гордост и во соработка со Здружение посветено на пациенти со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО го организиравме „Розов пикник појадок“, настан за кој подготовките започнаа неколку месеци претходно, со многу љубов, ентузијазам и посветеност.

На 4 октомври, просторот кај „Школка“ во Градскиот парк во Скопје се претвори во место исполнето со насмевки, прегратки, музика и искрена поддршка. Ни се придружија жени од различни градови низ Македонија, нивните семејства, пријатели, здравствени професионалци, здруженија и партнери – сите обединети со една заедничка порака: "Никој не треба сам да го поминува патот на лекувањето".

Посетителите имаа можност да уживаат во Розовиот базар, Фото-корнерот, „Писмо до идната јас“, Розовата библиотека и Розова прошетка. Едукативните активности за самопреглед со фантом дојка и стручните консултации за реконструкција на дојка ја истакнаа важноста на информираноста и навремената грижа за здравјето. За дополнителна енергија и раздвижување се погрижија и пилатес-вежбите против појава на лимфедема, детското баскет катче и музичката програма.

Но, најголемата вредност на овој ден не беа само активностите, туку луѓето, нивните приказни, искрените разговори и чувството на припадност. „Розов пикник појадок“ беше многу повеќе од настан, беше потсетник дека заедништвото носи сила, а поддршката може да направи огромна разлика.

7 октомври – „M Says: Check Your Boobs!“

Со почит кон делото и мисијата на д-р Марија Бунда Калпак, бевме дел од иницијативата „M Says: Check Your Boobs!“, посветена на подигнување на свеста за ракот на дојка и важноста на грижата за женското здравје.

Во рамките на настанот се одржа панел-дискусија на која учествуваа лекари специјалисти од соодветните медицински области и нутриционист. Преку стручни разговори и споделување корисни информации, беа опфатени значајни аспекти на превенцијата, навременото откривање, лекувањето и важноста на правилната исхрана и грижата за целокупното здравје.

13 октомври – „Во мода е да се грижиш за себе“

Бевме дел од настанот организиран од X Fashion, посветен на важноста на превенцијата, редовните здравствени прегледи и грижата за женското здравје.

Преку разговор и едукација, уште еднаш ја испративме пораката дека грижата за себе треба да биде приоритет, а навременото информирање и препознавање на здравствените промени се важни чекори кон подобра здравствена грижа.

16 октомври – „Гласна грижа за секоја жена"

Во АД Стопанска банка учествувавме на панел-дискусија посветена на женското здравје, со акцент на самопрегледот на дојките, препознавањето на симптомите и значењето на навремената дијагностика.

Ваквите иницијативи се важен чекор кон поголема информираност и создавање средина во која жените се охрабрени отворено да зборуваат за своето здравје и редовно да ги посетуваат здравствените установи.

Преку ваквите активности, продолжуваме да ја пренесуваме пораката дека информираноста, превенцијата и навременото реагирање се важни делови од грижата за сопственото здравје.

28 октомври – „Јас сум пеперутка“

Месецот го заокруживме со присуство на промоцијата на едукативниот прирачник за пациентки со рак на дојка, организирана од Здружението ХЕМА-ОНКО.

Особено сме горди и благодарни за признанието што го добивме за нашата континуирана поддршка и соработка. За нас, ова признание претставува поттик да продолжиме со истата посветеност и во иднина.

И тука некаде октомври заврши, но грижата, едукацијата, превенцијата и поддршката продолжуваат.

Нашата посветеност на жените останува и во ноември и во секој следен месец од годината.

Секоја борба е лична, но поддршката може и треба да биде заедничка.

Медикус Хелп – Активност | Грижа | Подобар живот 🩷