×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Почувствувај на време, раната детекција спасува животи

Почувствувај на време, раната детекција спасува животи

Промените во вашето тело се важни. Секоја жена заслужува навремена заштита и поддршка. Не дозволувајте стравот да Ве оддалечи од најсилната алатка што ја имате – РАНАТА ДЕТЕКЦИЈА.

Карциномот на дојка е најчестиот облик на рак кај жените. Иако не постои сигурен начин за целосна превенција, навремените прегледи и здравите животни навики играат клучна улога во раната детекција и успешното лекување.

Во овој текст ќе дознаете сè што треба да знаете за превентивните прегледи, улогата на ехото и мамографијата и зошто тие се толку важни за вашето здравје.

Зошто се важни превентивните прегледи?

Превентивните прегледи се прават дури и кога немате симптоми, токму за да се откријат евентуални промени додека се уште мали и излечиви. Тие вклучуваат:

  • Самопреглед на дојки (најдобро е да се направи еднаш месечно после месечниот циклус)
  • Клинички преглед кај лекар (еднаш годишно)
  • Ехо преглед 
  • Мамографија

Комбинацијата од овие методи овозможува навремено откривање на сомнителни промени и започнување на третман додека шансите за целосно оздравување се највисоки.

Што е ехо преглед (ултразвук) на дојки?

Ехо прегледот користи звучни бранови за да ја прикаже структурата на дојките. Се изведува со сонда која се движи по кожата и овозможува лекарот да види дали има цисти, јазли, фиброаденоми или други промени.

Кога се препорачува ехо преглед?

  • Кај жени под 40 години, кога дојките се погусти
  • При опиплива промена или сомнеж по клинички преглед
  • За следење на веќе познати цисти или бенигни формации
  • Кај трудници и доилки, бидејќи е безбеден и не користи зрачење

Ехо прегледот не боли, трае 10-15 минути и е одлична почетна точка за скрининг.

Што е мамографија?

Мамографијата е рендгенска снимка на дојките која може да открие промени пред тие да станат видливи или опипливи. Се препорачува главно кај жени над 40 години, бидејќи тогаш структурата на дојките овозможува појасна слика.

Кога и колку често се прави мамографија?

  • На секоја 1 години после 40-тата година
  • Почесто кај жени со фамилијарна историја на рак на дојка
  • При појава на симптоми (оток, болка, секрет, промена на форма на дојка)

Мамографијата може да открие тумори со големина од само неколку милиметри и токму тогаш кога третманот е најуспешен.

Каков е препорачаниот распоред на прегледи?

  • На возраст од 20 до 30 г.: Самопреглед 1 месечно, лекарски преглед на 1 – 2 години
  • На возраст од 30 до 40 г.: Самопреглед 1 месечно, ехо на 1 – 2 години
  • Над 40 г.: Мамографија на секоја 1 година + редовен преглед
  • Лица со висок ризик независно од возраста: Скрининг според индивидуален план (почнува и пред 40-та година)

4 важни совети:

  • Ако сте над 30 години и никогаш не сте направиле преглед на дојки, закажете преглед уште денес. 
  • Ако имате член на семејството со дијагноза на рак на дојка или јајници, консултирајте се со лекар за генетско тестирање и посебен скрининг план.
  • Не заборавајте дека превенцијата не чека
  • Грижата за себе започнува со свесност

Промените во вашето тело се важни. Секоја жена заслужува навремена заштита и поддршка. Не дозволувајте стравот да Ве оддалечи од најсилната алатка што ја имате – РАНАТА ДЕТЕКЦИЈА.