Синдром на Карпал тунел – причини, симптоми и лекување
Синдром на карпал тунел е честа состојба која предизвикува болка, вкочанетост и трнење во шаката и прстите. Се јавува кога на еден од најголемите нерви на рака – медијалниот нерв се врши компресија (притисок) додека патува низ зглобот.
Причина – повеќе ризик фактори
Причините за појава на карпал тунел синдром се многубројни, и почест е кај жени и постари лица. Во најголем број случаи се јавува како комбинација од повеќе ризик фактори :
- Наследен фактор
- Чести повторувања на исти движења со раката
- Положба на раката и зглобот
- Бременост
- Други заболувања како дијабет, ревматоиден артрит, нарушувања на тироидната жлезда
Други заболувања кои може да дадат симптоми на карпал тунел синдром се:
- Артрит
- Оштетување на лигаментите
- Повреди на зглобот (скршеници)
- Компресија на нервите на ниво С6-С7 во вратот
Симптоми на синдром на карпал тунел
Најчести симптоми се следниве:
- Трнење, жарење, пецкање и болка во палецот, показалецот и средниот прст
- Болка и трнење кои може да се шират по подлактицата и рамото
- Слабост на раката која ги ограничува фините движења (пример не може да се закопча копче)
Симптомите се најчести во текот на ноќта и може да го разбудат пациентот од спиење. Преку ден симптомите се интензивираат при зборување на мобилен, читање книга или возење.
Лекување со помош на ортопедско помагало
Кај повеќето пациенти, синдромот на карпал тунел се влошува со текот на времето, така што раната дијагноза и третманот се најважни. Лекувањето може да биде нехируршко и хируршко. Во однос на нехируршкото лекување се препорачува носење на ортопедско помагало (ортоза) за рачен зглоб и вежби. На почетокот, симптомите честопати можат да се ослободат со едноставни мерки, како на пример, да се носи имобилизација на зглобот или да се избегнуваат одредени активности.
Носењето на ортоза не дозволува да се витка зглобот во текот на ноќта. Држењето на зглобот во права или неутрална положба го намалува притисокот врз нервот во карпалниот тунел. Исто така, може да помогне да се намали притисокот во текот на денот за време на активности кои ги влошуваат симптомите.
Автор: Д-р Дарко Василевски
За сите прашања во врска со ортопедските производи пишете ни на: [email protected]
Нашиот стручен тим од доктор и физиотерапевт ќе ви одговорат.