Дисторзија (шинување) на скочен зглоб
Дисторзија или кај народот познато како шинување на скочен зглоб е една од најчестите мускулно-скелетни повреди. Настанува при неконтролирано извртување на скочниот зглоб на рамна или нерамна површина при движење или скокање. Најчесто извртувањето е кон внатре, ретко кон надвор. Она што е карактеристично за овој тип на повреда е доколку еднаш се случи – голема е веројатноста да се повтори.
Кои се симптомите при дистрозија на скочен зглоб?
Симптомите се оток и болка во делот околу скочниот зглоб, а кај потешка повреда можна е појава и на хематом како последица на внатрешно крварење. Исто така се јавува отежнато стоење и движење. Дистрозиите се разликуваат по степенот на повреда: од благо истегнување до кинење на лигаменти, тетива како и кршење на коската. По повредата треба да се направи дијагностички преглед кој вклучува рендген, компјутерска томографија, магнетна резонанца и други дијагностички постапки за да се одреди степенот на повреда.
Степени на повреда
По дијагностицирањето потребно е веднаш да се почне со соодветна терапија, која се разликува во зависност од повредата. Постојат 3 степени на повреда:
1. Прв степен на повреда се карактеризира со истегнување на лигаментите и тетивите и се манифестира со помала болка и оток, евентуално може да се појави помал хематом. Времето на лекување е од 3-8 дена.
2. Втор степен на повреда претставува тешко нагмечување со парцијална руптура на меките структури, која се манифестира со посилна болка, оток, хематом, ограничено движење. Лекувањето трае околу 2 месеци.
3. Трет степен на повреда се јавува поретко и се манифестира со силна болка, оток, хематом и вкочанетост на скочниот зглоб . Настанува потполно кинење на меките ткива кое може да биде проследено со кршење на коска. Зглобот е нестабилен и потребно е лекување од неколку месеци.
Лекување
Лекувањето зависи од степенот на повредата. Целта на конзервативната терапија е рехабилитација и враќање на секојдневните активности. Веднаш по повредата треба да се пристапи кон намалување на отокот, внатрешното крварење и болката со помош на пристапот PRICE што подразбира:
Protection – заштита на зглобот со имобилизација со користење на помагала, со што би се спречило дополнително оштетување на зглобот.
Rest – по повредата потребно е мирување од неколку дена со лесно движење на зглобот. Треба да се оди со помош на патерици и да се прават статични вежби за да се зајакне околната мускулатура.
Ice – Ладни облоги за да се намали отокот и хематомот. Облогите треба да се држат 10-15 минути на секои 1-2 часа. Не се препорачуваат подолги периоди на држење на ладна облога заради чувствителноста на кожата и појава од алергии.
Compression – треба да се користат еластични ортози за скочен зглоб или CEP спортски компресивни чорапи со цел да се намали отокот и да се добие соодветна компресија.
Elevation – елевација и подигнување на екстремитетите. Повредениот дел треба да се подигне на висина над срцето за побрзо дренирање на вишокот на течности низ лимфниот систем. Позиционирање на повредената нога се прави со поставување на перница, најефикасно е во првите 48 часа. Доколку отокот е присутен и по 48 часа или ако отокот повторно се појави, тогаш е потребно подолго време да се држи ногата подигната. Намалувањето на отокот помага да се намали болката и да се забрза заздравувањето.