×

Shporta

Shporta juaj është bosh.




Д-р Тони Талески: физичката активност го чува `рбетот од тешките ранци

Д-р Тони Талески: физичката активност го чува `рбетот од тешките ранци

За развој на деформитети на коскено-мускулниот систем, кај децата од училишна возраст, влијаат лошите навики на држење на исправен став, кратковидоста, неадекватните учишишни клупи и столчиња. Недоволната физичка активност, долгото седење пред компјутер со долготрајно лошо позиционирање на главата кон напред, но и претешките училишни ранци се главен „непријател“ на `рбетот на вашето дете. Предност е ако се има повеќе часови за физичко воспитување, а вон училишните клупи децата да се насочуваат кон спортски активности. Пливањето како спортска активност има најдобар ефект во зајакнување на мускулатурата.

Училишните ранци и деформитетите на `рбетот
Според д-р Тони Талески, специјалист ортопед од специјалистичка ординација по ортопедија СТ медика, носењето на ранец или училишна чанта кај децата во фаза на интензивен раст е еден од факторите за развој на деформитети кои влијаат на завземање неправилен став на телото при стоење на рамна подлога.

„Деформитетите се понагласени кај послабите деца и оние кои немаат физички активности својствени за возраста. Оптеретувањата со училишните ранци чија тежина не е пропорционална со детската мускулна и телесна маса може да доведат до функционални и структурни промени на `рбетот, особено во период на адолесценција. Не се занемарува ниту податокот за должината на патот до училиште и назад кој ученикот го изминува секојдневно во тек на девет училишни месеци притоа носејќи терет врз грбната регија.“

ranci 2

Училишните ранци влијаат на целото тело
Според препораките на Светската Здравствена Организација тежината на училишните ранци не треба да биде поголема од 10% од телесната тежина на детето. Во пракса се покажува дека тежината на ранците која учениците ја носат на грбна регија е значително поголема. Д-р Талески објаснува дека ова придонесува за мускулна нерамнотежа со неправилен став во исправена положба на телото, денивелација на рамените појаси и лопатките од грбната регија, закосување на карлицата, но и рефлексија на неправилното оптеретување врз колената и стапалата како носечки површини на телесната маса.

Корсет за правилен раст на `рбетникот
За зајакнување на околугрбната мускулатура која е активен стабилизатор на `рбетниот столб се препорачуваат спортски и физички активности. Исто така се препорачува редукција на долгото седење пред компјутер како и корективни навики на децата од училишна возраст во дневните активности со правилно позиционирање на телото и долните екстремитети во седечка положба.

„Во изборот на спортски афинитети кај детето треба да се внимава при доминантност на едната рака (тенис, ракомет и сл.) особено ако постои потенцирано искривување на `рбетот во една страна. Децата и родителите треба да се едуцираат за дополнителни корективни вежби во домашни услови кои треба да се спроведуваат во континуитет за зајакнување на грбната мускулатура. Физичкото напрегнување условува и замор на учениците кои потешко можат да се сконцентрираат на наставата, што дополнително ги оптеретува и наставниците во училиште и родителите дома. Кај докажани структурни сколиози или кифози потребна е поддршка со ортоза (корсет) за правилен раст на `рбетникот.“

ranci 1

Тежината на ранецот да биде помала од 10% од тежината на детето
Децата од училишна возраст кои се во фаза на интензивен раст на `рбетот и кои не се доволно активни имаат и поголема телесна тежина од оние кои практикуваат спортски активности. Тоа доведува до поголемо оптеретување на `рбетот, колковите колената, искривувања на колената и спуштање на сводовите од стапалата.

„Тежината на училишните ранци доведува до нагласени деформитети. Затоа во изборот на ранец за дете, истиот треба да биде со анатомско прилагодување на грбната регија и по можност да е со помал терет (ослободување на училишен прибор кој не е неопходен за носење), а тежината на ранецот да биде помала од 10% од телесната тежина на детето. Во избор на училишен ранец треба да се внимава долниот дел на ранецот да не биде под струкот на детето, а врвот на ранецот да биде под линијата на рамниот појас. На грбната страна ранецот да има појачувања, а прерамките да бидат пошироки и меки за да не засекуваат во мускулатурата на рамото. Најдобро е ако постои и ремен околу струкот за да се добие уште една потпорна точка на тежината од ранецот. Така ранецот ќе биде повеќе статичен што е многу важно кога е во прашање детска мускулатура која неможе долго да позиционира во мускулен баланс.“објаснува д-р Талески.