×

Shporta

Shporta juaj është bosh.




Гледаj ja способноста, не попреченоста

Гледаj ja способноста, не попреченоста

Позитивна и ведра, храбра и борбена, Љуљета Адеми со својата неверојатна енергија и пркоси на физичката попреченост. На една рака патерица на друга планинарско стапче  во рака досега има искачено повеќе од 70 врвови. На својата физичка попреченост и приоѓа како на предизвик а не како на проблем. И покрај сите предизвици со кои се соочила низ годините, таа е цврсто уверена дека животот е убав и низ различноста и посебните потреби.

„Мојата убавина лежи во мојата волја, мојата различност ја сметам за моја предност. Доколку едно општество не може да ја согледа личноста позади попреченоста и да ја исползува таа личност за својата добробит тогаш тоа општество има своја попреченост, а не личноста. Никој не би бил среќен со болката, но кога веќе ја имате треба да научите живеете со неа, да се носите и со слабостите кои ги имате во себе, а истовремено да се сакате себе си такви какво што сте, бидејќи тоа сте. Не знаете колку еден човек е навистина силен, додека не го видите во најслабиот момент, во својата најслаба „верзија“. Човек не смее да заборави дека оздравувањето не го носи лекарот, туку самиот „човек“. Тој самиот се лечи, од сопствената моќ, токму онака како што тој оди со помош на својата моќ, или јаде, или мисли, или дише, или спие. Големината е во скромноста што ја имате, да си признаете и да се прифатите себеси такви какви што сте, со сите недостатоци и потешкотии, тоа ве прави искрени кон себе, но и искрени пред другите.“

Таа преку искачувањето на планините ги руши сите предрасуди и гласно го искажува својот отпор на оштествените „немој“, „не можеш“ со кои често се среќаваат лицата со физичка попреченоста. И покрај тоа што долги години се бори со остеомелит, трипати ја победила смртта и има апутација на дел од  стапало, таа со неверојатна енергија се бори да го докаже спротивното, дека лицата со попреченост како дел од ова општество,подеднакво можат да придонесуваат и да се развиваат како и останатите. Да создаваат и подеднакво да учествуваат во општествениот живот. Љуљета пред себе има и општествена борба а тоа е поголема инклузија на лицата со попреченост во заедницата.

„Мојата кауза и во минатото и денес претставува еднакви можности за сите граѓани без диференцијалност на категории и припадност. Убавината е во разноликоста. Често пати велам дека треба да се направи јасна дистинкција меѓу „соживување“ и „сожалување“. Секој од нас треба да го направи тоа што го прави вистински среќен. Правам многу работи. Mоите основни вредности се хуманизмот, солидарноста, посветеноста на правдата и заедништвото.Секогаш за инклузија, а не ексклузија. Луѓето не се со попречености туку нивниот град и нивото опкружување. Доколку тоа овозможи непречано функционирање на сите без разлика на попреченоста тогаш истата нема ни да се забележува или потенцира, едноставно нема да постои.“ 

Најтешкиот момент за неа е што светот има отидено многу далеку во обезбедување на услови за овие лица, додека кај нас сеуште постојат бариери.

„Сè уште мака мачиме со архитектонските бариери, било сензорни или тактилни, додека во светот не многу далеку од нас се зборува за роботика и протетика со неврони, целосно независно функционирање во секојдневието на овие лица.“

Го живее животот според свој правилник. Според неа најдоброто чувство е да се биде сакан и прифатен. Нејзина желба е да ги потикне сите на физичка активност без разлика на попреченоста. Нејзината порака е дека секој може да направи повеќе, само треба да посака.

„Планинарењето за мене беше речиси недостижен сон се до мигот кога реков „Јас ова го можам“.  Кога душата ви е полна нозете сами одат,  сакам да имам квалитетен живот, продолжувам да го визуализирам најдоброто за моето тело и мојот дух и не прифаќам да не се борам. Не прифаќам „болест“, „хендикеп“, „попреченост“, како сакате именувајте го. Ја прифаќам енергијата на мислата и животот е во согласност со мене. Во самите нас лежи моќта да дејствуваме и да бидеме тоа што сакаме. Секој слободен миг го користам да се искачам на некој од планинските врвови. За да освоиш планински врв не ти требаат совршени нозе, моќта е во духот и во упорноста, па така тој непокорен дух неодамна ме однесе до врвот на Триглав, висок 2.864 метри, со огромната помош на планинарскиот водич Мишко Танески, со што станав прва жена со физичка попреченост која успеала да го направи овој подвиг. Тоа беше ветување кон себе си по уште една тешка битка со болеста. Потоа следуваа Митикас- Олимп и Мусала“!“

Новите убедувања создаваат нов идентитет. Треба повторно да ја напишеме нашата приказна со вредности и интегритет. Не го оставај стравот на поразот да биде поголем од желбата за победа.  Падни 7 пати стани 8 пати. Кога имаш болки и не ти е добро, потсети се кога ти било најдобро. Според Љуљетa оптимизмот не е негирање на актуелната состојба. Оптимизам е верување дека иднината е убава.

Животот и приредил многу „изненадувања“, искушенија, а и големи предизвици. Но таа храбро и понатаму истите ги совладува. Среќна е во болката, силна во слабоста и убава на свој начин. Затоа што Љуљета Адеми е жена борец, жена подготвена за одговор во секое време и на секоја ситуација, едноставно, пример за секој човек.