×

Cart

Your cart is empty.




Како да ги стоплите нозете во зима?

Како да ги стоплите нозете во зима?

Ако сте личност која постојно сонува за лето, тропски плажи и вечно сонце, веројатно тешко поднесувате  зима и студ. Но, кога ќе откриете дека можете лесно и брзо да се загреете, веднаш ќе ја засакате зимата.

Оставете ги прстите да „танцуваат“

Во зима најтешко се загреваат рацете и стапалата. Кога надвор е студено, телото автоматски ја „турка“ целата крв од екстремитетите (стапалата и дланките) кон централниот дел од телото за да ги загрее органите.

Затоа е потребно да ја подобрите циркулацијата во екстремитетите. Додека се возите во автобус или кола накај работа, оставете ги вашите прсти да „танцуваат“. Постојано движете ги за да ја подобрите циркулацијата и за брзо време ќе приметите дека ви се стоплуваат.

Не седете со скрстени нозе

Многу е важно како седите, особено ако работното место ви е поврзано со долготрајно седење. Повеќето луѓе седат со скрстени нозе, што е штетно од повеќе причини. Освен што го оптеретува грбот, ја успорува циркулацијата.

Одберете чорапи

Во текот на зимата, особено ако тешко го поднесувате студот, заборавете на тенки и памучни чорапи. Изберете волнени или термо чорапи.

Една од најчестите грешки е тоа што луѓето знаат да носат два пара чорапи. Ова може да ги стегне стапалата, што ќе ја намали циркулацијата и ќе го отежне снабдувањето со крв. Од друга страна, термо или волнените чорапи овозможуваат вашите стапала да дишат. Дополнително стапалата помалку ќе ви се потат, и нема да ги чуствувате ладни.

Заштитете ја главата

Од главата се губи многу топлина, односно главата многу брзо се лади. Колку главата е поладна, толку е послаба циркулацијата на крвта во целото тело, вклучувајќи ги и стапалата. Затоа, земете капа и шал и за кратко време ќе забележите разлика во температурата и во стапалата. Покрај главата, треба да се загреат и рацете, бидејќи од нив телото „црпи“ многу топлина. Накратко, ако имате проблем со студени стапала, размислете да го загреете целото тело, а не само стапалата.

Земете влошки за затоплување

Влошките за затоплување се изработени од  волна во горниот слој кој ја топли ногата. Задниот дел од влошката е алуминиум кој обезбедува одлична изолација и во најстудените денови.