Подигнување на свеста за лимфедемот – Панел дискусија во Скопје по повод Светскиот ден на лимфедемот
На 6 март – Светскиот ден на лимфедемот, во Скопје се одржа панел дискусија посветена на подигнување на свеста за оваа често недоволно препознаена состојба. Настанот беше организиран од Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија (МАРМ), во соработка со Хема Онко – здружение на пациенти со малигни заболувања и Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет, со поддршка од Медикус Хелп и центарот за третман на лимфедем Медикус Плус
На 6 март – Светскиот ден на лимфедемот, во Скопје се одржа панел дискусија посветена на подигнување на свеста за оваа често недоволно препознаена состојба. Настанот беше организиран од Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија (МАРМ), во соработка со HemaOnko – здружение на пациенти со малигни заболувања и Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет, со поддршка од Medicus Help Македонија. Настанот се одржа во просториите на Медикус Плус - центар за грижа и нега на тело, каде што лимфедемот се третира од стучни лица со мултидисциплинарен пристап.
Настанот беше дел од глобалните активности по повод Светскиот ден на лимфедемот и беше објавен и на меѓународната платформа на Lymphatic Education & Research Network, каде што е вклучен во официјалната програма на настани:
https://lymphaticnetwork.org/wld/event/panel-discussion-raising-awareness-of-lymphedema-early-detection-and-
Што е лимфедем?
Лимфедемот е хронична состојба која се јавува поради нарушена функција на лимфниот систем, што доведува до собирање на лимфна течност и појава на оток, најчесто на рацете или нозете.
Кај многу пациенти, лимфедемот се појавува по третман на малигни заболувања, особено по хируршки интервенции или радиотерапија. Доколку не се препознае и третира навреме, може значително да влијае на квалитетот на живот.
Затоа, раната дијагностика, навремената терапија и континуираната грижа се клучни за успешното управување со оваа состојба.
Фокус на пациентите и мултидисциплинарниот пристап
Централно место на панел дискусијата имаа пациентите и нивните искуства, кои овозможија подлабоко разбирање на предизвиците со кои се соочуваат лицата кои живеат со лимфедем.
Покрај тоа, беше нагласена важноста на мултидисциплинарниот пристап, каде што хирурзи, физиотерапевти, специјалисти по нуклеарна медицина и други здравствени професионалци заеднички работат на подобра дијагностика и третман.
Се разговараше за:
потребата од јасни протоколи и патеки за дијагностика и третман,
современите методи на третман,
улогата на рехабилитацијата и физиотерапијата,
како и достапноста на медицински средства кои им помагаат на пациентите во секојдневната грижа.
Панелисти
На дискусијата учествуваа истакнати експерти од различни области:
Доц. д-р Софија Пејкова, пластичен и реконструктивен хирург
Доц. д-р Биљана Калчовска, физијатар
Доц. д-р Невена Маневска, специјалист по нуклеарна медицина
Сашо Цветановски, дипломиран физиотерапевт
Модератор на настанот беше Надица Танчева, претседател на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет.
Во дискусијата активно учествуваа и пациенти, кои ги споделија своите лични искуства, придонесувајќи за подобро разбирање на животот со лимфедем.
Важноста на едукацијата и превенцијата
Еден од главните заклучоци од панелот беше дека подигнувањето на свеста е првиот чекор кон подобра грижа за пациентите.
Со едукација на здравствените професионалци, студентите по медицина и јавноста, како и со рано препознавање на симптомите, може значително да се подобри квалитетот на живот на лицата кои живеат со лимфедем.
Ваквите иницијативи претставуваат важен чекор кон развој на подобри дијагностички и терапевтски практики во нашата земја.