×

Cart

Your cart is empty.




Што значи кинези тејпинг и за кои состојби може да се користи ?

Што значи кинези тејпинг и за кои состојби може да се користи ?

Што значи кинези тејпинг?

Кинезиотејпинг метода, претставува техника којашто како тераписко средство користи уникатно дизајнирани еластични самолепливи ленти што се лепат на кожата на одредени делови на телото со цел подобрување на функционалноста на одделни ткива при појава на патолошки промени. Аплицирањето на кинезиолентите следи после предходно направен специфичен преглед, за да се направи соодветен избор на техника на лепење, а се со цел постигање максимална ефикасност на третманот.

Кога и каде е откриена Kinesio тејпинг методата?

Дизајнерот на кинезиотејпинг методата јапонецот Кенсо Касе прв пат ја применил оваа техника во 1979 година после шестгодишно истражување, а прво претставување на методиката се направила на Олимписките игри во Сеул Ј. Кореја во 1988 година.

Методот е неинвазивен и нефармаколошки. Претходно познат главно како алатка за помош на спортистите, методот кинезио тејпинг сега се повеќе се користи во лекувањето на болни состојби.

За што се може да се користи?

  • Намалување на болката

Дејство се заснова на еластичните својства на лентата што се применува на одредена структура, ткиво. Тракцијата што ја создава аплицираната лента на кожата доведува до подигање на епидермисот (површинскиот слој на кожата) и намалување на притисокот во механорецепторите лоцирани во подлабоките слоеви на кожата, со што се намалува интензитетот на болката.

  • Стабилност и корекција

Исто така, се верува дека еластичните терапевтски ленти ги стимулираат механорецепторите и на тој начин имаат поволен ефект врз стабилноста на зглобовите, како и да ја коригираат функцијата на ослабените мускули и останати третирани структури.

  • Намалување на оток/подобрување на лимфната цркулација

Лентите ја зголемуваат и локалната циркулација, што позитивно влијае на отокот и негово намалување. Се смета дека лентите Kinesio му помагаат на телото да се лекува со користење на неговите природни регенеративни способности.

Колку долго може да се користат кинезио лентите?

Во терапијата се користи специјална трака која по карактеристиките (тежина, дебелина, еластичност) е многу слична на самата кожа. Лентите не содржат никакви фармаколошки агенси и може да се користат на неодредено време без никакви штетни последици. Овој метод ги стимулира природните механизми за обновување на телото.

Ефектот од третманот е максимален во првите три дена, малку намалува до петтиот ден, но може да има ефект и седум до десет дена по аплицирањето.

Позитивно е што материјалот на лентите е пропустлив и врз лентите може да се аплицираат лед, лекарства и да се прави физикална терапија преку нив

Дали постојат различни методи на апликација на лентите?

Постојат два основни принципи на поставување во зависност од саканата терапевтска цел, едниот е површински третман на фасција а вториот принцип е третман на подлабоките мускулни структури. Кој од двата принципи сакаме да го приложиме, зависи од видот на кинезио лента. Важен е и начинот на сечење, обликот на лентата и насоката на поставување, како и степенот на истегнување на лентата.

Дали може и зашто да се користи Kinesio тејпинг методата за болки во стапалата?

*Најпрво мора да објасниме колку е значајно во каква состојба се стапалата и каква е нивната поврзаност со комплетната постура на човечкото тело.

Во биомеханиката на човечкото тело, стапалата играат важна улога. Стапалата заедно со колената ја претставуваат мобилноста-долните екстремитети, додека ’рбетот, стабилноста на човечкото тело. Врската помеѓу тие две важни биомеханички функции ја извршува карлицата. Имено, положбата на стапалата и колената ја одредува положбата на карлицата а пак положбата на карлицата ја одредува положбата на ’рбетот. Кога карлицата е навалена, изротирана во погрешна положба, ’рбетот зафаќа принудна позиција во некаква компензаторна форма. Компензаторната форма значи промена на оптоварувањето на пршлените и интервертебралните дискови. Компензаторната форма значи промена на положбата и оптоварувањето на мускулите на грбот. Сите тие промени со текот на времето се причина за појава на многу деформитети и патологии на мускулоскелетниот систем. Од тука можеме да заклучиме дека многу е важно во каква состојба се стапалата, каква е нивната физиолошка позиција, векторите на оптоварување, дали има одредени деформитети или болни состојби.

Во третманот на патологиите на стапалата многу често се користи кинезиотејпинг методата како основно или помошно средство, дали во насока на корекција или во насока на третман на одредено воспаление, трауматолошки повреди, тензија на одредени структури.

Кинезио лентите со своето специфично дејство делуваат на проприорецепторите на мускулните и фасцијалните структури, преку техниката на апликација го корегираат патолошкиот модел на тензија и до мозокот испраќаат импулси на правилно функционирање на мускулните структури што ја одредуваат положбата на стапалото.

Состојби во кои може да се користи:

Hallux valgus

Рамни стапала

Плантарен фасцитис.

Метатарзалгија

Ахилодинија

Леизија на лигаменти и на периферни нерви во регија на стапалото при дисторзија или други повреди

Сите мекоткивни воспаленија во таа регија, во акутна или хронична фаза.