×

Shporta

Shporta juaj është bosh.




Како да одредите кое помагало за движење е соодветно за вас?

Како да одредите кое помагало за движење е соодветно за вас?

Изборот на помагало за движење, не секогаш е едноставна одлука. Лицата кои имаат проблеми во движењето имаат дилеми за кои не можат лесно да донесат одлука. Токму затоа ги издвоивме најчестите прашања поставени од страна на пациентите.

Како да одредам кое помагало е соодветно за мене?

  • Проценете ги своите физички способности и мобилност. Доколку имате добра физичка способност и силен баланс, доволно е да користите некое помалку инвазивно помагало како бастум или една подлактна патерица.
  • Ако имате послаби способности и имате потреба од поголема поддршка за стабилност, треба да разгледате одалка, ролатор.
  • Размислете за околината во која ќе го користите помагалото. Доколку го користите во затворени простории бастум (каков било тип) или одалка се добар избор. Доколку во просториите имате скали избегнувајте бастуми со неколку ногарки (троножен или четириножен).
  • Доколку сè уште не можете да одредите кое помагало е соодветно за вас, консултирајте се со доктор или физиотерапевт.

Со која рака треба да го користам помагалото?

  • Прв чекор е да ја процените физичката способност на рацете. Ако едната рака ја чувствувате посилна тогаш помагалото треба да го користите со таа рака. Ова ќе ви овозможи поголема контрола и стабилност при движењето.
  • Ако имате потреба од помагало за стабилност и поддршка на едната нога или страна на телото, обично се препорачува да го држите помагалото со страната на повредената или слаба нога. На пример, ако имате проблем со левата нога, држете го помагалото со левата рака.
  • Луѓето по природа имаат лична предодредба која страна им е моторички поразвиена (левак или деснак). Честопати тоа е пресудно за користење на помагалото.
  • Совет од здравствениот работник: За конкретни случаи и потреби, најдобро е да се консултирате со здравствениот работник, како физиотерапевт или доктор. Тие ќе можат да ви пружат индивидуален совет и да ви помогнат да одредите со која рака да користите помагалото во вашиот специфичен случај.
  • Доколку сè уште не можете да одредите кое помагало е соодветно за вас, консултирајте се со доктор или физиотерапевт

Како правилно да се движам со помагалото и како да одредам која висина е најдобра за мене?

Бастум или подлактна патерица:

  • Држете го бастумот на доволна висина за да можете лесно да се наслоните на него. Бастумот треба да ја замени поддршката на болната нога. Во момент кога треба да стапнете на неа го поставувате бастумот и тежината ја префрлувате на него. Со здравата нога правите нормален исчекор. Откако ќе го направите чекорот повторете го движењето.
  • Висината се одредува според рамениот појас, во момент кога се наслонувате на бастумот двете раменици мора да бидат во иста висина. Дополнително висината се одредува и според положбата на раката, аголот на зглобот кај лактот треба да е во флексија од 30 степени.

Две потпазувни патерици:

  • Патериците се поставуваат под пазувите, тежината ја пренесуваме на здравата нога. Двете патерици ги придвижуваме во должина од еден чекор, ги спуштаме на земја и целата тежина ја пренесуваме на нив. Потоа повторно застануваме на здравата нога. Откако ќе го направите чекорот повторете го движењето.
  • Висината се одредува според пазувите, патерицата треба да биде 10 цм пониска од висината до пазувите.

Одалка:

  • Поставете ја одалката напред и ставете ја на земјата. Со помош на рацете пренесете ја тежината на телото на одалката. Откако ќе го направите чекорот повторете го движењето.
  • Висината се одредува според рацете, аголот на зглобот кај лактот треба да е во флексија од 30 степени.

Ролатор:

  • Ролаторот има сличен начин на користење како одалката. Со рацете се држите за ракофатите кои имаат адаптација за кочење. Полека правите исчекор придвижувајќи го ролаторот со туркање. Откако ќе го направите чекорот повторете го движењето. Во момент кога ќе почувствувате потреба за одмор, го закочувате ролаторот и седнувате на седиштето.
  • Висината се одредува според рацете, аголот на зглобот кај лактот треба да е во флексија од 30 степени.